Столб

Име на делото: Столб

Автор: Коља Милутиновиќ

Година: 1973

Оваа скулптурата е создадена во рамки на Интернационалното студио за пластика во дрво во Прилеп, реализирано во седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години. Делата создадени за време на интернационалната уметничка колонија во Прилеп, првично беа изложени на Уметничкиот павиљон „Цвијета Зузориќ“ во Белград (3 јули – 30 август 1981) и потоа во Музејот на современата уметност во Скопје (20 април – 10 мај 1982), по што беа поставени во задниот дел на музејот, каде што со децении останаа без информативно обележје и контекст.

Во 2025 година, по повеќе од четири децении, повторно се воспоставува идентитетот и историскиот контекст на овие дела, благодарение на истражувачката работа во рамки на проектот Museum of Public Art на Изабела Левенска Миљаниќ, избран како еден од учесничките проекти на 15. Биенале на млади уметници (БМУ) – двегодишно, процесно ориентирано биенале, курирано од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки.

На официјалното отворање на изложбата за 15. Биенале на млади уметници, контекстот, името на делото и неговиот автор повторно ќе бидат претставени на јавноста – како симболично враќање на вниманието и достоинството на овие дела.

Овој потег претставува значаен чекор во процесот на ревитализација и документирање на јавната уметност во Скопје, како и во препознавањето на значењето на интернационалните уметнички колонии како културни мостови на своето време. Со оваа иницијатива, Музејот на современата уметност во Скопје воспоставува перманентна поставка на седум дрвени скулптури – колекција која ја обединува уметничката меморија, интернационалниот дијалог и современото читање на јавниот простор.

Скулптурата „Столб“ од авторот Коља Милутиновиќ , е со димензии 55х55х320 см. Создадена е од дрво – бор.


За авторот:

Никола Коља Милуновиќ (Белград, 4 октомври 1935 – Белград, 29 јули 2016) бил српски вајар.

Роден е на 4 октомври 1935 година во Београд. Дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот за уметности во Београд во 1959 година, во класата на Илија Коларевиќ. За време на студиите патувал во Франција, Грција, Италија и Холандија.

Член на Здружението на ликовни уметници на Србија станал во 1961 година.

Организирал самостојна изложба во галеријата на Коларчевиот универзитет во 1966 година. Излагал и на бројни групни изложби, вклучувајќи: Октобарскиот салон (1961, 1963, 1966, 1968), изложби на скулптури во слободен простор во Белград (1963–1966, 1969, 1972, 1973), изложбите „Млади белградски вајари“ во салонот на Музејот на современа уметност во Белград (1964, 1968), „Фантастика во цртежи на белградски уметници“ (1965), Меѓународна изложба на скулптури во Хаг (1966), изложби „Четири југословенски вајари“ во Хаг и Амстердам, изложба „Тројца белградски вајари“ во Римини, Симпозиум „Мермер и звуци“ во Аранѓеловац (1967), Биенале во Бања Лука (1969) и изложбата „Белградска скулптура“ во Белград (1973).

Автор е на скулптурата „Коњарник“ во Аранѓеловац (1967), споменикот на Бањица (1969) и скулптурата „Аквариус“ во Спортскиот центар во Белград (1972).

Починал на 29 јули 2016 година во Београд и е погребан во Алејата на заслужните граѓани на Новото гробиште во Белград.