За иницијативата
Градот како музеј, уметноста како патоказ.
Оваа платформа е создадена да служи како дигитален водич низ јавната уметност на Скопје, со визија да се прошири и кон други градови во земјата и светот.
Идејата произлезе од личната иницијатива и љубов кон уметноста, како и од чувството на одговорност кон просторот што го делиме. Со искрена посветеност, внимателно истражување и вложени време и средства, започнав да ја документирам историјата на скулптурите, муралите и јавните експонати, создавајќи ја оваа веб-страница, што ги обединува нивните приказни.
Покрај тоа, важен сегмент од овој проект е генерирање QR-кодови и нивно поставување покрај делата, овозможувајќи им на граѓаните и посетителите на градот, лесен пристап до содржини со информации за уметничките дела и нивните автори, токму во моментот кога стојат пред нив – како во музеј. Но, овојпат во музеј под отворено небо. Музеј за јавна уметност.
Јас верувам дека градот зборува низ уметноста, којашто на својот универзален јазик комуницира со секој отворен за неа. Верувам и дека во тој интимен дијалог меѓу делото и неговиот набљудувач не треба да постои бариера. Во време на вештачка интелигенција се чини дека е природно да посегнеме по можностите на дигитализацијата и да ги срушиме ѕидовите до информациите.
Мојата цел е едноставна: на разбирлив и пристапен начин да ја доближам уметноста до секого – да поттикнам љубопитност, восхит и гордост за културното богатство што нѐ опкружува.
Верувам дека грижата за градот и за неговото уметничко наследство е обврска на секој поединец.
Преку оваа иницијатива, се надевам ќе инспирирам и мотивирам и други граѓани од земјата и светот да создаваат свои приказни со почит кон јавниот простор и културата.
Со љубов,
Изабела Левенска Миљаниќ


Поддржано од: Фондација д-р Михаил Левенски
Фондација посветена на реализација на проекти од различни области со кои ќе се унапреди квалитетот на живеење на посебни категории луѓе гледано од демографски или социолошки аспект.
Ние веруваме дека во основата на човековото семе е ЧОВЕКОЉУБИЕТО И ПРИРОДОЉУБИЕТО. Веруваме дека менувајќи се себеси кон добро, позитивно ќе ја промениме средината. Веруваме дека за да имаме иднина треба да го чуваме и почитуваме она што било пред нас и да сме активни и будни творци во денешнината.
Овој проект заживеа благодарение на сесрдната поддршка од членовите на семејната фондација:
-
- проф. д-р Горица Левенска
-
- д-р Камелија Левенска Николовска
-
- м-р Никола Левенски Миљаниќ
-
- дипл. археолог Дарко Андонов
-
- Михаил Николовски

