Споменик на Евреите

Име на делото: Споменик на Евреите

Автор: Методи Андонов

Година: 1985

Овој споменик е поставен во чест на депортираните Евреи од Штип во 1985 год.

Споменикот го симболизира животниот пат на Евреите. Линијата на животот е прекината на 11 март 1943 год. кога 551 лица се депортирани од Штип и убиени во концентрациониот логор Треблинка. На споменикот се испишани имињата на сите 551 депортирани Евреи. Споменикот се наоѓа до зградата на Заводот и Музеј – Штип.


За Авторот:

Методи Андонов (1946-2021) е реномиран македонски уметник.

Тој на 11 март 2021 година го прими големото признание на Светската еврејска организација за неговото авторство на споменикот што пред 36 години се подигна во центарот на Штип, во знак на сеќавање на штипските Евреи кои во 1943 беа депортирани во логорот Треблинка.

На само дваесетина метри од овој споменик, е подигнато спомен-обележје посветено на светската фудбалска легенда Драгослав Шекуларац роден во Штип. И на ова спомен-обележје автор е Методи Андонов.

И двата споменика дело на Мето, како што го нарекуваа штипјани, се поставени пред Центарот за култура „Ацо Шопов“, каде со години се одржува познатиот македонски фестивал Макфест чие лого и главната статуетка што се доделува на најдобрите се дело исто така на Андонов.

Тој е автор и на повеќе други уметнички и архитектонски решенија во Штип и автор на повеќе самостојни изложби, а една од најзабележителните е изложбата на карикатури.

Андонов има нацртано портрет карикатури и на други познати македонски личности од светот на музиката и спортот. Последната портрет карикатура е со ликот на македонскиот фудбалски репрезентативец Горан Пандев, кој со задоволство ја примил затоа што тој е со неговиот препознатлив гест по постигнувањето гол кога сака да ги чуе навивачите.