Име на делото: Човек и хуманизам
Автор: Драган Поповски Дада
Година: 1971
Скулптурата Човек и хуманизам е скулптура создадена од прилепски
мермер, „сивец“, 380х112х90 см, поставена пред Воена болница, во Скопје.
На делото се прикажани две човечки фигури – едната исправена, будна, заштитничка, додека другата наведната, потпрена на неа, ранлива. Тоа не е само портрет на две тела, туку скулптурна метафора на човечноста.
Оваа скулптура може да се интерпретира како тивок, но моќен повик кон етика на грижа, потсетувајќи дека вистинската човечност се огледува во способноста да се грижиме еден за друг.
Во 1970 во Скопје, за истиот споменик Дада добил прва награда
За авторот:
Драган Попоски- Дада (роден 1933) е еден од најзначајните македонски скулптори. Своето образование го стекнал на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломирал во 1961 година во во класата на професорот Јован
Кратохвил, а магистрирал во 1964 година. Неговото образование го проширувал преку студиски престои и изложби во земји како Грција, Италија, Германија, Англија, Франција и САД.
Уште од раните шеесетти години, преку бројни самостојни изложби и учества на значајни групни презентации низ Македонија, поранешна Југославија и надвор од нејзините граници, авторот се наметнува како една од активните и препознатливи фигури на современата ликовна сцена. Во текот на седумдесеттите години, неговото творештво се вкоренува во ликовниот контекст како дел од генерацијата уметници што вклучува имиња како Стефан Маневски, Васил Василев, Борис Николовски, Насо Беќаровски, Томе Андреевски и други.
Дада е познат по своите монументални скулптури од камен и бронза, инспирирани од природата и карактеризирани со геометриски и апстрактни форми. Неговите дела повикуваат на тактилно доживување, стимулирајќи ја публиката да ги допре и почувствува.
Како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Попоски имал значително влијание врз младите уметници, вклучувајќи ги и истакнати ученици како Жарко Башески. Попоски почина во 2021 година, оставајќи богато наследство преку своите дела кои и понатаму се изложени во музеи и галерии во Македонија и Европа.
