Име на делото: Споменик за УРС Синдикати
Автор: Стефан Маневски
Година: 1974
Скулптурата Споменик за УРС е мермерен споменик направен во чест на Обединетитот работнички синдикален сојуз на Југославија (УРССЈ), скратено Обединетите работнички синдикати (УРС), најсилната и најбројната синдикална организација во периодот на постоењето на Кралството Југославија. УРССЈ беше основан 1925. година. Неговата работа беше забранет 1940. година.
На едната страна од споменикот е изгравирано:
На ова место беа УРС- овите синдикати. Тука се челичеше армијата на поробените, борците за слобода на човекот, визионерите на бескласното општество.
За авторот:
Стефан Маневски (1934-1997), во 1954 година го завршува средното образование во Средното уметничко училиште во Скопје. По две години се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломира во 1960 година. Уште како студент, во 1957 година ја добива првата награда, поточно III награда за скулптура на Универзитетскиот одбор на белградските студенти. Маневски во 1963 година ги завршил постдипломските студии на истата академија во класата на професорот Јован Кратохвил. Истата година се враќа во родното Скопје и се вработува како наставник по ликовно образование во ОУ „Кирил и Методиј“, кое се наоѓа во центарот на градот. Се зачленува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во 1963 година и оттогаш започнува активно да твори и изложува.
Во 1965 година, во Работничкиот дом во Скопје била отворена неговата прва самостојна изложба, куратор на изложбата бил Влада Урошевиќ. Сè поприсутен во уметничката јавност, Маневски освојува уште повеќе награди, меѓу кои во 1968 година ја добива наградата „11 Октомври“ за скулптура. Истата година во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) ќе биде отворена уште една негова самостојна изложба, за која Борис Петковски ќе напише: „Стефан Маневски припаѓа на оној дел на македонските современи ликовни уметници, во чие творештво се обликува една димензија од извонредна важност за нашата ликовна култура“. Во 1971 година, Маневски престојува во Париз како добитник на стипендијата „Моша Пијаде“, а следните години започнува да остварува поголеми зафати, на пример, релјефот „Монументален релјеф“ (боен метал и панел, 4 х 2,5 м) од 1978 година во просториите на тогашната Комерцијална банка во Скопје.
Со отворањето на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1980 година и потребата за професионален кадар, во 1981 година е вработен и Маневски, кој во два мандата бил декан на факултетот во период од 1988 – 1989 и 1995 – 1997 година. Во 1984 година, во Уметничката галерија (денес Национална галерија) била отворена неговата петта самостојна изложба, за која се назначува дека „неговото творештво е од особено значење за еволуцијата на македонската скулптура“. Едно од неговите последни остварувања е изработката на монументалниот релјеф „Без наслов“ (1993, обоен метал и панел, 5,65 х 1,80 м) во фабриката „Раде Кончар“ во 1993 година. Починал ненадејно во Скопје на 12 јули 1997 година, на возраст од 62 години.
Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет.
