Спомен Костурница – Кавадарци

Име на делото: Спомен Костурница – Кавадарци

Автор:   Петар Муличковски

Година:  1976

Спомен-костурницата во Кавадарци претставува монументален споменик и симбол на старата македонска куќа, вечен дом на паднатите борци од Кавадарци, жртви на фашистичкиот терор во периодот 1941-1945 година. Во неа се сместени посмртните останки на загинатите борци кои во минатото се наоѓале во непосредна близина на градот. На гранитни плочи во нејзината внатрешност се испишани 328 имиња на хероите, кои сведочат за нивната храброст и жртвување. Спомен-костурницата е изработена од бетон, а нејзиното дело е на архитектот и професор Петар Муличковски од Архитектонскиот факултет во Скопје. Свечено е откриена на 7 септември 1976 година.

Објектот се наоѓа на надморска височина од 305 метри и нуди панорамски поглед кон Кавадарци и живописната Тиквешија. Тој е стилизирана македонска куќа, оградена со масивни бетонски ѕидови дебели три метри. Долниот дел го претставува внатрешниот двор, кој се надоврзува на надворешен амфитеатрално уреден простор. Влегувањето се овозможува преку две железни врати, јужна и северна, украсени со мотиви на гроздови, кои водат кон отворената галерија на хероите. Првично, ѕидовите биле празни и во нив биле сместени моштите на загинатите, но тие денес се преместени во Градскиот музеј за нивна заштита.

Внатрешниот дел на костурницата се издига на висина од 12 метри и е поделен на два спрата кои асоцираат на чардаци, со отвори кои симболизираат прозорци. Централното скалило, кое спирално води нагоре, води до затворениот дел кој ја рефлектира архитектурата на охридските куќи. Во објектот се зачувани дваесетина мермерни плочи со имињата на борците, овозможувајќи им на посетителите интимен контакт со историјата и храброста на локалните херои.


За Авторот:

Петар Муличковски (1929–2022)

Роден во Прилеп на 2 март 1929, Муличковски е еден од најзначајните македонски архитекти и проектанти. Се образувал на Техничкиот факултет во Љубљана во класата на проф. Едвард Равникар, а подоцна се усовршувал во САД и Европа. Бил професор по урбанизам на Универзитетот во Скопје, со значајни истражувачки и публицистички активности.

Творештвото на Муличковски е разновидно и опфаќа урбанизам, меморијални објекти, ентериери и пределна архитектура. Особено се истакнува интеграцијата на традиционалната македонска архитектура со современи стилови, како конструктивизмот и новиот брутализам, со употреба на природни материјали и внимателно вграден симболизам.

Неговата стручна практика била дополнително збогатена со специјализации и студии на меѓународно ниво: Регионално просторно планирање на Универзитетот во Беркли (1964), Харвард и студиото на Френк Лојд Рајт во Талиесин Вест, Аризона (1965), школата на Мис Ван дер Рое во Чикаго и студиото на Чарлс Имс во Чикаго. Исто така, реализирал стручни престои во Шведска, Данска, Швајцарија, Италија и Грција, проучувајќи современи проблеми поврзани со архитектурата и урбанизмот.

Признанија и публикации
Муличковски е добитник на бројни национални и меѓународни награди, меѓу кои „Повелба за животно дело со името на Андреја Дамјанов“ (1995) за извонредни достигнувања во македонската архитектура. Во 2000 година ја објавил книгата „Духот на Македонската куќа“, која го документира неговото разбирање и третман на традиционалната архитектура.

Изведени објекти

  • Палата на управа, Кеј на р. Вардар, Скопје (1970)
  • Народна и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје (1971)
  • Деловна зграда на „Симпо“, Врање, СР Србија (1975)
  • Спомен-костурница во Кавадарци (1974)
  • Нова банка, Кавадарци (1974)
  • Куќа за одмор во Маврово (1980)
  • Судска палата во Кавадарци (започната, не реализирана)
  • Културен дом во Кавадарци (започнат, не реализиран)
  • Градска куќа „Чаир“, Скопје (започната, не реализирана)