Име на делото: Орев
Автор: Насо Беќаровски
Година: 1980
Оваа скулптурата е создадена во рамки на Интернационалното студио за пластика во дрво во Прилеп, реализирано во почетокот на осумдесеттите години. Делата создадени за време на интернационалната уметничка колонија во Прилеп, првично беа изложени на Уметничкиот павиљон „Цвијета Зузориќ“ во Белград (3 јули – 30 август 1981) и потоа во Музејот на современата уметност во Скопје (20 април – 10 мај 1982), по што беа поставени во задниот дел на музејот, каде што со децении останаа без информативно обележје и контекст.
Во 2025 година, по повеќе од четири децении, повторно се воспоставува идентитетот и историскиот контекст на овие дела, благодарение на истражувачката работа во рамки на проектот Museum of Public Art на Изабела Левенска Миљаниќ, избран како еден од учесничките проекти на 15. Биенале на млади уметници (БМУ) – двегодишно, процесно ориентирано биенале, курирано од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки.
На официјалното отворање на изложбата за 15. Биенале на млади уметници, контекстот, името на делото и неговиот автор повторно ќе бидат претставени на јавноста и овие скулптури ќе добијат свое информативно обележје и овие скулптури ќе добијат свое информативно обележје – како симболично враќање на вниманието и достоинството на овие дела.
Овој потег претставува значаен чекор во процесот на ревитализација и документирање на јавната уметност во Скопје, како и во препознавањето на значењето на интернационалните уметнички колонии како културни мостови на своето време. Со оваа иницијатива, Музејот на современата уметност во Скопје воспоставува перманентна поставка на седум дрвени скулптури – колекција која ја обединува уметничката меморија, интернационалниот дијалог и современото читање на јавниот простор.
Скулптурата „Орев“ од авторот Насо Беќаровски, е со димензии 130х75х75 см. Создадена е од дрво – цреша
За авторот:
Насо Беќаровски (Желево, 1938). За време на Грчката граѓанска војна, Насо Беќаровски бил одведен од својата татковина како дел од групата на т.н. деца бегалци. Во 1969 година го реконструирал театарот „Антон Панов“ во Струмица, а подоцна во 1983 година дипломирал на Академијата на уметностите во Белград и се посветил на скулптурата како негов основен изразен медиум. Учествувал на бројни самостојни изложби и е добитник на повеќе награди, меѓу кои и признанието „Нерешки мајстори“ (1974) за скулптурата „Крилја на слободата“.
Во неговото творештво се издвојуваат две јасни фази. Првата, фигуративна, се развива од неговите студентски години до 1967 година и се карактеризира со моделирање на глави, фигури и групни композиции во глина и гипс. Формите се топли и органски, често деформирани, со нагласена експресија и драматична текстура што ја пренесува болката и човечката тензичност.
Втората, нефигуративна фаза, претставува природен развој на претходната: линиите стануваат издолжени, формите поапстрактни и прочистени, а длабоките засечоци се заменети со широки, рамни површини. Во овој период е видливо ослободување од трагедијата – останува драмата, но таа е трансформирана во внатрешен ритам и скулптурална смиреност.
