Име на делото: Братство – единство
Автор: Драган Поповски Дада
Година: 1971
Релјефот Братство – единство, кој се наоѓа над влезната врата на денешен Дом на АРМ (некогашна зграда на Југословенска Народна Армија) Скопје, создаден од прилепски
мермер, „сивец“, со димензии 120х45 см.
„Братство и единство“ било државно мото на СФРЈ и популарна парола на Комунистичката партија на Југославија. Мото било вметнато и во уставите од 1963 и 1974 година. Според тогашното толкување, југословенските народи Македонци, Срби, Словенци, Хрвати, Црногорци, Босанци како и националните малцинства, треба да живеат братски и во слога и нивните сличности треба да се промовираат да се избегнат националните конфликти и омразата.
Во 1970 во Скопје, за истиот релјеф Дада добил прва награда
За авторот:
Драган Попоски- Дада (роден 1933) е еден од најзначајните македонски скулптори. Своето образование го стекнал на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломирал во 1961 година во во класата на професорот Јован
Кратохвил, а магистрирал во 1964 година. Неговото образование го проширувал преку студиски престои и изложби во земји како Грција, Италија, Германија, Англија, Франција и САД.
Уште од раните шеесетти години, преку бројни самостојни изложби и учества на значајни групни презентации низ Македонија, поранешна Југославија и надвор од нејзините граници, авторот се наметнува како една од активните и препознатливи фигури на современата ликовна сцена. Во текот на седумдесеттите години, неговото творештво се вкоренува во ликовниот контекст како дел од генерацијата уметници што вклучува имиња како Стефан Маневски, Васил Василев, Борис Николовски, Насо Беќаровски, Томе Андреевски и други.
Дада е познат по своите монументални скулптури од камен и бронза, инспирирани од природата и карактеризирани со геометриски и апстрактни форми. Неговите дела повикуваат на тактилно доживување, стимулирајќи ја публиката да ги допре и почувствува.
Како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Попоски имал значително влијание врз младите уметници, вклучувајќи ги и истакнати ученици како Жарко Башески. Попоски почина во 2021 година, оставајќи богато наследство преку своите дела кои и понатаму се изложени во музеи и галерии во Македонија и Европа.
