Име на делото: Делови од еден лет
Автор: Вили Боси
Година: 1977
Оваа скулптурата е создадена во рамки на Интернационалното студио за пластика во дрво во Прилеп, реализирано во почетокот на осумдесеттите години. Делата создадени за време на интернационалната уметничка колонија во Прилеп, првично беа изложени на Уметничкиот павиљон „Цвијета Зузориќ“ во Белград (3 јули – 30 август 1981) и потоа во Музејот на современата уметност во Скопје (20 април – 10 мај 1982), по што беа поставени во задниот дел на музејот, каде што со децении останаа без информативно обележје и контекст.
Во 2025 година, по повеќе од четири децении, повторно се воспоставува идентитетот и историскиот контекст на овие дела, благодарение на истражувачката работа во рамки на проектот Museum of Public Art на Изабела Левенска Миљаниќ, избран како еден од учесничките проекти на 15. Биенале на млади уметници (БМУ) – двегодишно, процесно ориентирано биенале, курирано од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки.
На официјалното отворање на изложбата за 15. Биенале на млади уметници, контекстот, името на делото и неговиот автор повторно ќе бидат претставени на јавноста и овие скулптури ќе добијат свое информативно обележје – како симболично враќање на вниманието и достоинството на овие дела.
Овој потег претставува значаен чекор во процесот на ревитализација и документирање на јавната уметност во Скопје, како и во препознавањето на значењето на интернационалните уметнички колонии како културни мостови на своето време. Со оваа иницијатива, Музејот на современата уметност во Скопје воспоставува перманентна поставка на седум дрвени скулптури – колекција која ја обединува уметничката меморија, интернационалниот дијалог и современото читање на јавниот простор.
Скулптурата „Делови од еден лет“ од авторот Вили Боси, е со димензии 200х57х50 см. Создадена е од дрво – орев.
За авторот:
Вили Боси (Италија, 1939). Роден на 8 ноември 1939 година во Мuggia, тој студирал на Академијата за ликовни уметности во Женова со стипендија од Lodovico Caraventa.
Учествувал во „Слободната школа за фигура“ под водство на Нино Перизи во Музејот Револтела во Трст. Од 1964 година, организирал повеќе изложби, и самостојни и групни, прикажувајќи ја својата вештина со различни материјали, вклучувајќи различни видови дрво, а особено песочник и мермер. Во 1995 година, голема скулптура од лаас мермер била поставена во парк во Дрезден, Германија.
Во 2004 година, Вили Боси го изработил големиот „Венецијански лав“ за Assicurazioni Generali, кој е исто така логото на оваа голема осигурителна компанија, поставен во населбата близу Падова, започнувајќи од голем блок камен со волумен од 8 кубни метри.
Тој учествувал на неколку Меѓународни симпозиуми за скулптура: Прилеп (Македонија, 1976, 1982), Липица (Словенија, 1980), Јокгрим (Германија, 1989), Кандел (Германија, 1993), Гермерсхајм (Германија, 1997), Пирмасенс (Германија, 1998), Порторож (Словенија, 1999), Мостар (Босна и Херцеговина, 2006).
Меѓу 1964 и 2015 година, организирал 35 самостојни изложби во Австрија и во различни градови во Италија. Неговата работа ја рецензирале, меѓу другите, Џулио Монтереро, Енцо Сантезе, Мариана Ацербони и Борис Петковски.
Боси живее и работи во средновековниот замок во Muggia
