Име на делото: Писма и пораки
Автор: Глигор Чемерски
Година: 1981
Писма и пораки е мозаик од 12 м² кое е поставено на фасадата на главната пошта во Кавадарци. Со симболично име, својствено на дејноста и активностите кои се одвиваат во главната пошта.
Мозаикот „Писма и пораки“ може да се гледа како омаж на комуникацијата како чин што не поврзува низ времето и просторот. Преку апстрактни форми, човечки фигури и животни како птици (гулаби можеби како симбол на пренос на пораки – традиционалната асоцијација со гулаби). и коњ, делото ја претставува пораката како глас, симбол, движење или уметност. Органската форма на мозаикот наликува на парче пергамент – симболичен носител на пораки – а неговата поставеност на фасадата на Главната пошта му дава и силна локациска симболика.
За Авторот:
Глигор Чемерски (8 мај 1940 – 24 јануари 2016) е еден од најзначајните македонски сликари, графичари и мозаичари, чиј творечки опус остави длабоки траги во културното и уметничкото наследство на Македонија. Роден е во Кавадарци, во Република Македонија, каде што уште од најрана возраст ја покажал својата љубов кон уметноста.
Се образувал во Скопје и Белград, каде што дипломирал на Академијата за ликовни уметности и завршил постдипломски студии во 1965 година. Во 1969–1970, како стипендист на француската влада, престојувал во Париз, каде што воспоставил длабоки врски со европската уметничка сцена. Оттогаш често живеел и работел таму, а во последните години бил и еден од постојаните сликари на престижната Galerie du Fleuve. Освен во Франција, имал студиски престои и во Египет, Грција, Италија, Шведска и САД, што дополнително ја збогатило неговата уметничка визија.
Од 1962 година, кога ја реализирал својата прва самостојна изложба во Скопје, Чемерски одржал над триесет индивидуални изложби во Македонија, Југославија и во светски уметнички центри како Париз, Хаг, Вашингтон, Александрија, Њујорк, Даблин и Глазгов. Македонското и југословенското сликарство активно го претставувал во Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Рим, Истанбул, Прага, Москва, Мадрид, Копенхаген, Мексико Сити и многу други градови, носејќи го со себе духот на својата татковина на меѓународната сцена.
Покрај сликарството, Чемерски создаде и импресивен број монументални дела – мозаични и архитектонски интервенции. Особено се издвојуваат неговите мозаични дела а неговото најголемо дело, „Споменикот на слободата“ во Кочани, содржи мозаични фризови со површина од над 320 м² ова воедно е едно од најзначајните остварувања на македонската јавна уметност.
Паралелно со неговото сликарство, во 1960-тите години интензивно се занимавал и со ликовна есеистика, застапувајќи ја уметничката слобода и повоената модерна. Антологиски останува неговиот есеј „Жива Византија“ (1977), во кој ја анализира врската меѓу византиското наследство и современата уметност.
Чемерски добил бројни признанија и награди за своето творештво, а последната голема награда што ја добил е Гран при на третиот „Зимски салон“ во Скопје во 1994 година.
Со својот стил, препознатлив по силни бои, драматични линии и динамична енергија, Чемерски создаде уникатен визуелен јазик кој ги спојува македонската историја, митологија и духовност со современите светски уметнички текови. Неговото дело денес претставува живо сведоштво за македонската култура и нејзиниот стремеж кон слобода, креативност и современа изразност.
Почина во Скопје во 2016 година, оставајќи зад себе богато уметничко наследство.
