Споменикот во Паркот „Жена борец“

Име на делото: Споменикот во Паркот „Жена борец“ “

Автор: Боро Митриќевски

Година: 1970

Овој споменик е создаден во чест на жените и женската младина од Скопје кои активно учествувале во многу акции организирани од СКОЈ и синдикатите. Во 1940 година била основана „Женска набавна задруга“ во која членувале околу 150 жени домаќинки, работнички, студентки и други младинки. Во борбите од НОВ жените учествувале рамо до рамо со своите другари и соборци. Во најголем број жените биле активни во собирање помош, снабдување на партизанските единици со зимска облека, организирање со храна за политичките затвореници во Скопје и Идризово, разнесување партиска пошта и друго. Многу жени биле вклучени во партиските и другите раководства. Во НОВ животот го загубиле 1.705 жени, „Партизанска споменица 1941“ им била доделена на 30 жени, а Вера Јоциќ е носител на Орден на народен херој на Југославија.

За овој споменик во 1969 година, Боро Митриќевски ја добива првата награда.


За авторот:

Боро Митриќески (1927–2018) претставува еден од најзначајните уметници во македонската современа скулптура. Роден е во Прилеп, а уметничкото образование го стекнал во Скопје и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во 1954 година, во класата на скулпторот Вања Радуш. Негов прв ментор бил познатиот скулптор Димо Тодоровски.

Во текот на својата кариера, Митриќески создаде над 350 дела – скулптури од дрво, мермер, бронза, како и мали пластики, торза, актови и портрети. Неговите дела се препознатливи по лирскиот израз, емотивната длабочина и прецизното прикажување на човечката форма и карактер.

Освен што беше активен уметник, тој даде значаен придонес и како ликовен педагог и директор на Уметничката галерија „Скопје“. Во 1997 година беше избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), што претставува признание за неговиот целокупен придонес во културата.

Делата на Боро Митриќески се изложени во бројни музеи, галерии и јавни простори. Тој остави длабока трага во уметничкиот живот на Македонија, а неговото творештво и денес инспирира нови генерации уметници.

Награди:
1964- Белград, посебна пофалница и диплома на II триенале
1965 – Октомвриска награда на СРМ за скулптура Скопје
1968 – Награда “Нерешки мајстори” на Есенската изложба на ДЛУМ
II Награда за скулптура на изложбата “25 години на АСНОМ” Скопје
II Награда на конкурсот за споменик на Крушево-1969 година
I Награда за споменик на жената борец Скопје- 1969 година
1969- Награда од ликовниот салон на “Струшките вечери на поезијата” во Струга