Изложба во излозите и пасажот

Тела во трансформација и експериментални мапирањаБулевари

Изложба на Доротеј Нешовски што не чека да влезете во галерија. Излегува на стаклото, на асфалтот и, навечер, во вашиот телефон.

За изложбата
Колаж од хартија во боја на црна подлога: високи столбови што наликуваат на згради покрај булевар
Доротеј Нешовски, од серијата „Булевари“, колаж на црна хартија, 2026
Уметник
Доротеј Нешовски
Кураторка
Изабела Левенска Миљаниќ
Место
Француски институт Скопје: излози, пасаж и медијатека
Отворање
11 ноември 2026, 18:00

За изложбата

Телото што оди го чита, го бележи и го создава градот

Изложбата го истражува телото како фигура во постојана трансформација: тело што не само што реагира на просторот, туку го населува, преобликува и мапира со движење и присуство. Во средиштето е булеварот, сфатен не како инфраструктура, туку како жив систем од движења, средби, сеќавања и минливи траги.

Инспириран од Маршал Берман и Анри Лефевр, Доротеј го разбира мапирањето како процес, а не како слика на просторот. Мапата не ги бележи зградите, туку невидливите траги: местата на пауза, вообичаените патеки, звуците, сенките и ритмите на чекорите.

Проектот настана во 2026 година, за време на неговата резиденција во Cité internationale des arts во Париз. Во Скопје излегуваат од галерискиот простор и стануваат дел од секојдневната патека на минувачите.

Перформанс во Париз: стапала и нозе на кои се поставени моливи во боја, врз бела хартија
Перформанс со моливи, Cité internationale des arts, Париз, 2026. Телото станува мапа.

Како да ја доживеете

Пет станици, од стаклото до вашиот телефон

  1. Излог

    Колажите на булеварот

    Ноќната серија колажи, со осветлен отпечаток што се гледа од крајот на пасажот.

  2. Излог

    Моливите цртаат мапа

    Моливи залепени на стаклото како линии на булевар и споредни улици, со фотографии од перформансот во Париз.

  3. Пасаж

    Колаж на асфалтот

    Вистински колаж од хартија, залепен на подот. Чекорите, дождот и времето го менуваат секој ден: градот сам го довршува делото.

  4. Внатре, медијатека

    Делата во фиоките

    Листови од дневната серија, скриени како страници од тетратка. Географија на внатрешното, за оние што ќе влезат.

  5. Навечер, пред излогот

    Колажот во вашиот телефон

    Скенирајте го QR-кодот на стаклото. Парчињата од колажот се одлепуваат и лебдат околу вас, а вие собирате и сложувате свој колаж. Без апликација. Ова е првото AR-искуство на излозите на институтот, според истражувањето на кураторката.

    Користи камера и движење на телефонот. Ако не се достапни, сврти се со повлекување со прст. Сликата од камерата не се снима и не се праќа никаде.

    Најдобро функционира на телефон, навечер, пред излогот. Скенирај го кодот за да ја отвориш страницата на телефон.

Делата

Две серии: ноќна и дневна

Ноќната серија е хартија во боја на црна подлога, како светла на булевар во темнина. Дневната серија е колаж и пастел на линирана хартија од блок, како страници од дневник напишан во одење.

Дневна серија, колаж и пастел, 2026
Ноќна серија, колаж, 2026
Ноќна серија, колаж, 2026
Дневна серија, колаж и пастел, 2026
Ноќна серија, колаж, 2026
Дневна серија, пастел, 2026

Уметникот

Доротеј Нешовски држи рамка исполнета со моливи во боја

Доротеј Нешовски

Интердисциплинарен уметник од Скопје (1989), дипломиран (2012) и магистер (2026) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот вајарство со насока сценографија. Работи со скулптура, цртеж, колаж, перформанс и инсталација, а го интересираат креативната спонтаност, мапирањето, партиципацијата и односот меѓу галеријата, публиката и уметникот.

За Доротеј, моливот е врска меѓу природата и човекот: со него создаваме нешто што природата сама не го создала.

  • Prince Claus Seed Award (2023), меѓународна награда на Фондацијата Принц Клаус од Амстердам за млади уметници и културни практичари.
  • Награда за скулптура на ДЛУМ (2024), за самостојната изложба „Ноќна шума“, поставена во МКЦ Скопје и во НУ Музеј Битола.
  • Самостојни изложби „Системи на кршливост“ (НГ Мала станица, 2025) и „Илузии на уметноста“ (Press to Exit, 2018).
  • Основач на уметничката група ЅЕЕ (2012) и, заедно со Ана Трајковска, куратор на проектот во јавен простор „Просторни реадаптации“ на скопската плажа (од 2022).
  • Автор на уметничката книга „Уметноста не е тоа што сакате“ (2017), претставена во Токио, Базел и Берлин.
  • Од 2015 води работилници за деца и млади во МКЦ Скопје, а денес и во својот простор, Умна куќа. Децата ги поттикнува да творат и да го најдат својот сопствен стил.
  • Париз
  • Сараево
  • Прага
  • Венеција
  • Софија
  • Љубљана
  • Скопје

Кураторката

Изабела Левенска Миљаниќ

Уметничка, истражувачка на јавната уметност и основачка на Museum of Public Art. Таа ги мапира скулптурите низ Скопје и ја архивира јавната уметност: секое дело добива свој запис и своја приказна, достапни преку QR-код покрај самото дело. Архивата денес опфаќа дела во Скопје, Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип, како и во Пекинг, Гуангжу, Ченгду, Шенжен и Берлин.

Како уметничка, учествуваше на 15. Биенале на млади уметници (2025), во организација на Музејот на современа уметност Скопје. Досега соработувала и соработува со пет куратори од земјава и од странство, на изложби за кои јавноста знае, а за некои наскоро ќе дознае.

Верува дека уметноста најсилно зборува кога ќе излезе од галеријата. Нејзината парола е уметност достапна и разбирлива за сите.

За оваа изложба осмисли концепт чија цел е експериментално, интерактивно и непосредно искуство што ги поврзува публиката и уметникот:

  • AR-искуство врз самите дела, преку кое секој посетител создава своја сопствена мапа.
  • Разговор во движење низ просторот, наместо статична дискусија.
  • Промоција на уметникот и на неговото дело пред и за време на изложбата.
  • Работилница за деца во текот на изложбата.
  • Вклучување на публиката во самата изложба, како дел од мапата што расте.

За иницијативата Museum of Public Art 

Домаќинот

Француски институт Скопје: прозорец кон уметноста

Францускиот институт Скопје е најстарата странска културна институција во земјата и во 2024 година одбележа 50 години работа. Ги промовира францускиот јазик и култура, ја поддржува културната размена меѓу двете земји и организира изложби, филмски проекции, предавања и средби со автори.

Институтот има иновативен пристап кон културата: својот излог го отстапува како прозорец кон уметноста. Стаклото свртено кон улицата не е рекламен простор, туку изложбена површина што работи дење и ноќе, без билет и без праг. Таму уметноста ги среќава луѓето што не тргнале по неа, на нивниот секојдневен пат низ градот.

За уметниците тоа е ретка можност: професионална поставка, кураторска поддршка, видливост преку комуникациските канали на институтот и врска со Франција, од резиденциите во Париз до публиката во Скопје. Досега излогот им припаѓал на:

  • Јана Луловска и Ана Трајковска
  • Наташа Неделкова
  • Рафаел Ристовски
  • Clement Bedel со Христина Ивановска и Јане Чаловски
  • Клелија Живоквиќ
  • Дарко Алексовски и Ѓорѓе Јовановиќ

Со „Булевари“ излогот излегува и на асфалтот на пасажот, а навечер станува влез во AR-искуство. Прозорецот кон уметноста се отвора уште пошироко.

Уметник
Доротеј Нешовски
Кураторка
Изабела Левенска Миљаниќ
Домаќин
Француски институт Скопје
AR-искуство
Museum of Public Art

Фотографии на делата и од перформансот: архива на уметникот. Текстот за изложбата е заснован на изјавата на уметникот.